| Сите сакаат работници со искуство, а никој не сака студенти на пракса |
|
|
|
|
За студентската стручна пракса и скратено работно време - Потребни се промени во Законот за работни односи каде што би се додал акт со кој се уредуваат правата на студентите на скратено работно време, како и правото за стручна пракса, која по углед на сите европски земји, би била платена.
- Недостаток на закон кој би ја регулирал работата на студентите донесе до тоа да и оние работодавци кои ќе се одлучат да ги примат студентите на работа биваат казнувани од трудовата инспекција која студентската работа ја гледа како работа на црно. Така се случи еден работодавец да биде казнет со 55.000 денари казна поради тоа што одреден број студенти кај него работеле во рамките на усовршување и задолжителна стручна пракса.
Општата констатација на работодавачите, но и на вработените во државната администрација е дека на конкурсите за работа се јавуваат млади високообразовани личности кои за време на студирањето немале никаква стручна пракса, немаат доволно познавање на англискиот јазик, што, како што потенцираат работодавачите, значи дека нашите академци немаат доволно знаење да започнат со работа. Од друга страна, работодавачите не примаат студенти на пракса, не постои закон за студентска стручна пракса, а уште помалку закон кој им овозможува на студентите право на скратено работно време така што студентите, за волја на вистината, се наоѓаат во маѓепсан круг.
Ова беше појдовната точка од која почна дискусијата на панелот †За студентските права: работа со скратено работно време и стручна пракса° што се одржа во организација на невладината организација Бест.
-Потребни се промени во Законот за работни односи каде што би се додал акт со кој се уредуваат правата на студентите на скратено работно време, како и правото за стручна пракса, која по углед на сите европски земји, би била платена, потенцираше Зоран Кочовски, сопственик на студентскиот сервис †Коузон°. †Што ќе се добие ако студентските права се регулираат? Студентите ќе добијат искуство, знаење, стекнување на работни навики, подобрување на стандардот, можност за вработување по завршувањето на студиите. Работодавците добиваат млади и квалификувани кадри желни за докажување, полни со теоретско знаење и извор на идеи. Државата на тој начин ќе добие активно периодично вработување, зголемена продуктивност, реални вработувања, приходи од придонеси, задоволни студенти, родители и работодавци. Значи сите заедно добиваме подобра иднина°, додаде Кочовски.
За жал на трибината освен студентите кои се пројавија интерес за оваа тема, и покрај уредните покани не се појавија ниту професорите ниту луѓе од биснис секторот.
Она што секако загрижува е тоа што Македонија со потпишувањето на Болоњската декларација и воведувањето на европскиот кредит трансфер систем се обврза и студентите да имаат задолжителна стручна пракса, но како и многу други пропишани работи кај нас се се сведува на про форма.
-Примерот на Техничкиот факултет е еден од најеклатантните примери за тоа како се извршува студентската пракса. На Техничкиот факултет има десет семестри, од што девет се слушаат, а десетиот се остава за изработка на дипломска работа. За да дојде студентот до диплома треба да има и задолжителна стручна пракса. Студентите тука се соочуваат со голем проблем. Немаат каде да ја извршуваат, за надоместок студентите ниту прашуваат, работат бесплатно, само за да дојдат до диплома. Јас сум имал можност за пет стручни пракси, од кои четири во странство, кои ми беа платени, и една во земјава која не ми беше платена, рече Бојан Стојановиќ, студент на Техничкиот факултет и член на ИАЕСТЕ Македонија.
Недостаток на закон кој би ја регулирал работата на студентите донесе до тоа да и оние работодавци кои ќе се одлучат да ги примат студентите на работа биваат казнувани од трудовата инспекција која студентската работа ја гледа како работа на црно. Така се случи еден работодавец да биде казнет со 55.000 денари казна поради тоа што одреден број студенти кај него работеле во рамките на усовршување и задолжителна стручна пракса.
-Мора да се знае дека освен измените во Законот за трудот неопходно е да се донесе и закон за студентски организации,кој е почетна точка за регулирање како на право на студентите на скратено работно време, така и на платена стручна пракса.Тој закон, на пример веќе постои во Словенија, а треба да се следат и некои други искуства на Словенија како што е задолжително плаќање надоместок на студентот додека е на стручна пракса и тоа најмалку во висина на минимален личе доход, рече Славица Арсова, студентка на Правниот факултет.
Дека нашите студенти многу слабо или воопшто немаат допир со стручна пракса покажува и анкета на Електротехничкиот факултет која покажа дека од анкетираните студенти само 28 отсто биле на стручна пракса, додека само осум отсто биле платени додека работеле. По овие сознанија повеќе од јасно е дека измените во Законот за работни односи, како и донесување на закон за студентски организации е нешта што треба под итно да се регулираат, заклучија панелистите.
|