|
Улогата на граѓанските организации во социјалните услуги и превенција
Развојот на социјалната заштита во Македонија се движи во насока на плурализам, деинституционализација, децентралиазација, во насока на развојот на алтернативните облици на заштита, како и со создавање на информативните центри во склоп на општината.
Социјалната заштита и улогата на граѓанските организации во социјалните улоги и превенција, беше централна тема на панелот Улогата на граѓанските организации во социјалните услуги и превенција во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Со измени во Законот за социјална заштита и на граѓанските организации, како и на здруженија на граѓани и на физички лица им е дозволено да се занимаваат со давање услуги од областа на социјалната заштита.
-Развојот на социјалната заштита во Република Македонија е една од приоритетните задачи на нашето општество, тоа се развива според нашите можности и потреби, но секако согласно со упатствата и инструкциите на Европската Унија, рече Мирјанка Алексовска, раководител на одделението на јавни и приватни установи за социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика.
Очигледно дека со новите можности во начиност на социјалната заштита граѓаните ќе имаат можност да бираат помеѓу повеќе алтернативи што и беше основната замисла кога се менуваше законот. Второ, многу е битно што услугите од областа на социјалната заштита ќе им се приближат до граѓаните преку дневни центри какви што веќе постојат низ Македонија.
-Во план е основање на дневниот центар за бездомници, а веќе функционираат петнаесетина дневни центри за деца со пречки во равојот кои се основани со помош на УНИЦЕФ, а пред извесно време се отвори и центар за деца од улица, изјави Софија Спасовска од Министерство за труд и социјална политика.
Она што секако е многу битно е и тоа што во духот на општата децентрализација се децентрализира и социјалната заштита. Така, во управните одбори на Центрите за социјална заштита ќе има и член од советот на општината, а дневните центри сукцесивно ќе се пренесуваат на општината. Во алтернативните решенија на социјалната заштита активна улога играат и невладините организации кои во соработка со Министерството за труд и социјална политика веќе работат на неколку проекта. Така, кампањата против семејното насилство е заеднички проект на владин и невладин сектор, како и СОС линија за жртви на семејно насилство која функционира во соработка со СОЖМ.
|