|
Декада на Ромите 2005-2015
Сашо Клековски - Во буџетот нема пари за програмски активности. Главен финансиер во Македонија, Европска Унија, дури во буџетот 2007-2013 година ќе издвои пари за Ромската декада, така што финансискиот ефект ќе се почувствува дури 2008 година
Образованието, домувањето, вработувањето и здравството се приоритетни ромски проблеми кои треба да се решат во Ромската декада 2005-2015 година. Националните стратегии надлежните владини институции веќе ги изработија, но ромската декада бара активно учество и на невладиниот сектор.
-Сметам дека невладините организации, особено ромските, треба да бидат активен партнер на владат во спроведувањето на акциониете планови предвидени во Ромската декада, но поразително е што кога побаравме партнери за решавање на проблемот на деца на улица, кои во повеќе од деведесет отсто случаи се ромски деца, ниту една ромска невладина организација не пројави интерес за овој проблем, рече Сузана Велковска од Министерство за труд и социјална политика.
Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка истакна дека оваа невладина организација секогаш ќе ги поддржува ромските организации во нивните проекти кои се во рамките на акционите планови на владата, пред се во областа на образованието и антидискриминацијата.
-Знам дека домувањето, вработувањето и здравството се големи проблеми за Ромите, но во овие сфери треба да се вложат максимум ресурси за минимални резултати. Затоа, сметам дека во домените на образованието и антидискриминацијата резултатите ќе бидат побргу видливи, истакна Клековски кој додаде дека една од главните фрустрации што се однесува на Ромската декада ќе биде финансирањето.
-Убави планови, но многу малку пари, за многу програми, не само за Ромската декада, Во буџетот нема пари за програмски активности. Главен финансиер во Македонија, Европска Унија, дури во буџетот 2007-2013 година ќе издвои пари за Ромската декада, така што финансискиот ефект ќе се почувствува дури 2008 година.
Според Клековски не е доволно само владата да обезбедува фондови со кои се стипендираат ромските средношколци, туку е потребно да се работи во ромската заедница затоа што многу од децата воопшто немаат ниту допир со училиштето.
-Што се однесува до ромските невладини организации јас можам да кажам дека МЦМС секогаш ќе ги поддржуваат во нивните настојувања да добијат финансии од странските донатори, а лично сметам, земајќи предвид од кое социјално милје доаѓаат и со кој степен на образование се нивните членови, дека невладините ромски организации се едни од најдобрите во цивилниот сектор.
Војо Марјановиќ пак, од Министерството за наука и образование истакна дека во ова министерство е изработен акциониот план за вклучување на Ромите во сите степени на образованието, а она што посебно е значајно е дека со овој план е предвидено воведување на ромски јазик во училиштата за деца од ромска националност, со што ќе се создадат предуслови и за издавање на други учебници на ромски јазик. Предвидено е и во учебникот по историја да се воведе дел за ромската историја и култура, како и да се вработат што повеќе наставници од ромска националност.
-Во иднина ќе се отвори студиска група за ромски јазик на Педагошкиот факултет, а предвидено е и отворање на катедра за ромски јазик при Филолошкиот факултет, истакна Марјановиќ.
Ромските невладини организации во Македонија се активни, учествуваа и во изготвувањето на националната стратегија за Ромската декада, но факт е дека оваа етничка група е соочена со крајна сиромаштија, што не е специфика само македонските Роми, туку искуствата кажуваат дека и Ромите во другите земји од регионот се соочени со истиот проблем.
-Ромите во Албанија се жртви на трговија со луѓе, а да не се ниту свесни за тоа, истакна гостинката од Албанија, Аида Ндриу која додаде дека државните органи на Албанија се обидуваат да ги вклучат Ромите во општеството, да се регистрираат сите новородени деца Роми, а секако дека една од значајните улоги во обидот на подобрување на животот на Ромите имаат и невладините организации.
|