|
Тркалезна маса: Закон за спречување на судир на интереси Законот за спречување на судир на интереси се уште не е влезен во собраниска процедура, но работниот текст асоцијацијата Транспарентност - Македонија го достави до Министерството за правда.
“Повеќе од јасно е дека закон за спречување судир на интереси мора да постои како посебен закон. Овој закон заедно со законот за слободен пристап до информациите,кој пак, е во собраниска процедура, се значајни ставки во борба против корупцијата”, истакна Оливера Китановска од Транспарентност-Македонија.
Виолета Атанасовска од Министерсвото за правда потенцираше дека во одредени закони како што е Законот за спречување корупција или во Законот за државни службеници постојат одредени акти со кои е регулиран делот за спречување на судир на интереси, но тоа сепак не е доволно. “Потребен е посебен закон, впрочем тоа е препорачливо за сите екс-социјалистички земји, потребна е посебна правна рамка со која ќе се утврдат мерките и активностите со кои ќе се спречи воопшто да дојде до судир на интереси”, објасни Атанасовска.
На прашањето на Златко Митревски, економист од центарот Примеко, кој се треба да се едуцира за да се имплементира законот Атанасовска одговори дека таа очекува на функционерските места да дојдат луѓе кои се веќе упатени во работата и кои ги знаат своите надлежности, но кои знаат што смеат, а што не смеат да направат за време на својот мандат.
“Закон за спречување судир на интереси е закон кој пред се треба да ја подигне демократска политичка култура на високо ниво. Со неа се одредуваат рамките на легитимноста и непристрасноста, и се одредуваат стандарди во однесување на оние кои се на јавните должности. Од друга страна со постоење на еден ваков закон и граѓаните ќе знаат што да очекуваат од вработените во јавната администрација. Доколку навреме не се спречи судирот на интереси тоа е веќе корупција.”, истакна Живко Темелковски од Министерство за финансии.
Учесниците на панелот се согласија дека најдобра превентива од судирот на интереси е информациите да бидат достапни, да профункционира е-влада, да се информира јавноста благовремено, затоа што затвореноста на институциите е една од причините за појавата на судирот на интереси, а со самото тоа и на корупцијата.
Инаку, Транспарентност-Македонија веќе подолго време ја води кампањата “Мислете на сите, не само на своите”, а кампањата е помогната и од Министерството за надворешни работи на Финска.
|