| Воведно излагање на панел дискусија: сто години граѓански активизам во Македонија |
|
|
|
|
Маријана Иванова Век на градење идентитет и државност
Во периодот пред и после Илинденското востание, како и во понатамошната, бурна историја на македонската државност, се до крајот на Втората светска војна, доминира граѓанскиот активизам. Многубројните организации, тајни друштва и кружоци, илегални групи и слични форми на здружување на граѓаните се форми на здружување на граѓани, иако во многу случаи не биле регистрирани, односно делувале вон системот. Овие граѓанските здруженија, во периодот 1903-2003, кој го разгледуваме во оваа прилика, често и неминовно имале политичка обоеност, што било сосема природно и разбирливо во условите во кои делувале. Онака како што денес граѓанските здруженија се стремат кон општествени промени, клучни во овој миг за Македонија: демократизација на општеството, социјална правда, добро владеење, интеграција на маргинализираните групи, помирување и соработка, така и тогашните активности биле насочени кон клучни промени. Но, во услови на окупација, во тоа време таквите промени најчесто можеле да се изведат со политички методи, или пак по револуционерен пат. Интелектуалните групи кои се формирале околу Даме Груев, Гоце Делчев, Петар Поп-Арсов и други, во периодот кој непосредно му претходеше на Илинденското востание, биле всушност неформални здруженија на граѓани, кои својата иницијативност, својот граѓански активизам го насочиле кон остварувањето на големиот копнеж за македонска државност. Уште пред тоа, забележани се бунтовите против језуитскиот систем на воспитание, организирани од гимназијалците Ѓорче Петров, Пере Тошев, како и занаетчиските групи, кои им се придружиле на младинците во бунтовите против Егзархијата. Овие форми на здружување, кои се јавиле во текот на 18-19 век, нужно биле ориентирани околу тогаш најсуштинското прашање - создавањето на држава на Македонците и ослободувањето од аспирациите нивната земја и самите тие да се претстават како Бугари, Срби или Грци. Се јавувале и здруженија кои немале револуциски, туки еволуциски предзнак, и кои сепак биле мошне важен придонес кон градењето на македонската државност. На пример, Македонските студенти кои кон крајот на 19 век студирале во Софија, под духовно водство на Петар Поп-Арсов и Ѓорѓи Баласчев ја создале “Младата македонска книжевна дружина”, која го издавала весникот “Лоза”, денес познат како пропагатор на македонскиот јазик, употребувајќи ги неговите елементи и особености кои јасно го разликувале од бугарскиот јазик. Ако одиме уште подалеку во времето - историјата ја забележала таканаречената Словенско-македонска книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски, која си постави за цел да ја прероди народната македонска литература. Кузман Шапкарев самоиницијативно го собирал фолклорното наследство на Македонскиот народ. Истото го правел уште еден голем граѓанин - Марко Цепенков, а Галичанецот Ѓорѓи Пулевски, пак, се нафатил со тешка работа и издал речници, граматика и песнарки на македонски јазик. Со својата граѓанска иницијатива, тие, како и многумина други, придонеле во јакнењето на самодовербата и градењето на идентитетот на Македонскиот народ. Значи, ако настаните и актерите кои имале клучно влијание во формирањето на македонската државност во изминатите 100 и нешто повеќе години ги посматраме вон тесната рамка која ја нудат архивите и историчарите, во нив лесно можеме да препознаеме граѓански активизам. Сите овие групи и кружоци, можеме да ги посматраме како своевиден пандан на сегашните граѓански здруженија, “Лозарите”, студентите, знаетчиите, интелектуалците биле граѓани активисти, собрани околу неколку граѓански лидери, кои спроведувале своја, јасно определена цел. Тие се стремеле да го реализираат својот проект кој бил чекор кон отварувањето на нивната визија. Тие функционирале на сличен принцип како друштвата било каде и било кога - како форми на здружување на граѓанските идеи, енергија и желби да променат и подобрат нешто од, помалку или повеќе, широк општествен интерес. Клучните зборови - активисти, лидери, цел, проект, визија, методи, средства - се дел од препознатливата терминологија на граѓанските здруженија. Во периодот по Илинденското востание, а пред Балканските војни, се јавиле социјалистичките групи на Васил Главинов, Димо Хаџи Димов и други, кои ги обединувале и мотивирале работниците преку штрајкови и други форми да бараат социјална правда. Синдикати формирале чевларските, металските, трговските, шивачките и другите струки, застапувајќи ги правата на работниците. По Младотурската револуција и релативниот мир кој таа го донела, се јавило значајно културно-просветно движење, се формирале многу учителски друштва културни здруженија, се развила печатарската дејност. Периодот меѓу двете светски војни претставува ренесанса на младинскиот активизам. Младите работници и студентите формирале синдикални, културно-уметнички и спортски друштва, во кои се ширеле социјалистичките идеи. Овие здруженија биле извор на една силна струја, со напредни и авангардни млади интелектуалци. И тука, како црвена нишка се провлекува македонското национално прашање и прашањето на македонската државност. Една од најпознатите вакви организации е онаа составена од студенти и млади интелектуалци - познатата МАНАПО (Македонски народен покрет), каде се јавува силна антифашистичка активност. При моето истражување за потребите на списанието “Граѓански свет” на МЦМС, пред околу три месеци, ги разгледував регистрите на фондовите и збирките на Државниот архив на Република Македонија, каде е запишана богатата традиција на граѓанското здружување и граѓанскиот активизам на овие простори што постоел со векови наназад. Во регистрите на Архивот на Македонија се споменуваат две хуманитарни здруженија кои биле активни во Македонија пред Втората светска војна - Хуманитарното друштво “Тетовска јабука” од Скопје и Муслиманското добротворно друштво “Шефкат”. Во документацијата на Архивот се регистрирани и разни еснафски здруженија (Еснаф на бакалите од Битола, Здружение на градежните предузимачи од Скопје), културно-просветни и научни друштва (Географско-етнографско друштво “Јован |