| Информациско општество и пристап до информации - интернет и НВО секторот |
|
|
|
|
Секторски панел Присутните покажаа голем интерес за преземање на конкретни чекори кон поголемо искористување на новите технологии од страна на НВО и за новоотворените прашања за општествените импликации од нивната употреба.
Во организација на Метаморфозис, на 30 октомври, од 11.30 до 13.00, се одржа секторскиот панел Информациско општество и пристап до информации – Интернет и НВО секторот, кој го водеше претседавачот Бардил Јашари (ФИООМ) со воведничарите Филип Стојановски (МЦМС), Горан Шлакески (Метаморфсозис), м-р Зоран Костов и Јован Петров (МаНГО).
М-р Зоран Костов истакна дека треба да се обрне внимание на социјалните (општествените) импликации на новите технологии, особено на Интернет и сите прашања кои произлегуваат од тие процеси. Тој смета дека образованието на граѓаните за многубројните последици од употребата на новите технологии, кои коренито го менуваат начинот на живот, е со ист ранг на важност како и компјутерското описменување.
Јован Петров го изложи своето неформално истражување на владините веб-страници, кое го покажува тешкиот пристап до информации на просечниот македонски граѓанин. Слабиот број на информации не ги задоволува потребите и интересите на граѓаните.
Горан Шлакески ја прикажа својата анализа „Тековната состојба на застапеноста на македонските НВО на Интернет“, од која тој доаѓа до заклучок дека НВО не се заинтересирани за своја презентација на Интернет. Според податоците добиени од www.netcraft.net и резултатите на неговите самостојни истражувања, најголем број од сајтовите со наставка .or.mk не ги освежуваат содржините редовно и не се мултијазични.
Филип Стојановски даде примери на функционални веб страници на НВО, прикажувајќи ги www.graganskisvet.org.mk и www.agora.org.mk. Тој истакна дека доколку НВО имаат намера да се презентираа на Интернет, предвид треба да ја имаат својата целна група и принципите на маркетинг (често обновување на содржините, директно обраќање до посетителите, поврзување со други сајтови и размена на содржини, линкови и банери).
Во расправата, присутните се интересираа како можат да имаат одржливи веб-страници, односно како да обезбедат средства за континуирано обновување на податоците на веб страниците. Воведничарите препорачаа темелност во дизајнот и планирање однапред, како и употреба на динамички веб-страници со кои се минимизираат вкупните трошоци. Имено, изградбата на ваквите страници побарува поголема почетна инвестиција, но внесувањето на содржините е олеснето и нема потреба од дополнителни (скапи) стручни интервенции. |