Откриена јама длабока 300 метри Печати

 

Македонско - словачка експедиција Солуунска Глава 2005

Спелеолошкото друштво “Пеони” од Скопје, кое имаше и свој штанд на НВО саемот, ги промовираше активностите и добиените сознанија од реализираната македонско - словачка експедиција на Солунска Глава во 2005 година, каде освен гостите од Словачка, учествувале и дел од неговите членови.

 

 

Преку видео и усна презентација, тие на посетителите им го претставија начинот на кој на Солунска глава откриле јама длабока триста метри, која се смета за карактеристична и ја вбројува Македонија  на 27 то место по  присуство на чисти вертикали во светот. Јамата е констатирана уште пред 20 години, но истата е актуализирана минатата година, кога македонско- словачката експедиција открила осум вертикални објекти - јами. Нејзиното дно е со  широчина од 20 а висина од 100 метри , што се смета за  откриен простор со големи димензии.  Најголемата  откриена вертикала од ваков тип, која е на листата заедно со Македонија, се наоѓа  во Словенија  и е длабока 600 метри.

 

На годинешната експедиција на падините на Солунска Глава, спелеолозите престојувале седум дена,  во логор  поставен на 2000 метри,  при што испитале и уште седум нови објекти  со што ги дополниле досегашните сознанија за планината Јакупица, која  се смета за сеуште доволно неистражена. Истражувањата заедно со словачките спелеолози ќе се одвиваат и во иднина, на простор кој се протега од  изворите на реката Бабуна и  се смета  за специфичен и важен за собирањето на информации за планината Јакупица. Словачките спелеолози кои истражуваа годинава заедно со Пеони доаѓааат од пет спелеолошки друштва, меѓу кои и од Црвени врвови, друштво што се јавува како организатор од словачка страна.

 

За нив, како и за другите странски истражувачи Солунска глава е интересна поради  присуството на голем број спелеолошки објекти  а странците сметаат, велат во Пеони, дека тука треба да се бара  најголемиот вертикален објект, со длабочина над 300 метри.