Градоначалниците главно задоволни од стартот Печати

Панел: Децентрализацијата во Македонија : До каде сме?

Градоначалниците на Струга, Кичево, Гостивар, Чаир, Куманово и Карпош ги изнесоа негативните и позитивните аспекти на новиот процес во земјата.

Одржувањето на панелот “Децентрализацијата во Македонија: До каде сме?, во рамките на Петтиот НВО саем, организиран од страна на ЦСИД “. Форум, се јавува како резултат на  претходно започнатиот проект “Децентрализацијата во Македонија: Приближување на власта до народот, што Форум го реализира во пет општини: Струга , Кичево, Гостивар, Чаир и Куманово, со спроведување  на осмислени активности за помош на локалните претставници на цивилното општество, за нивно зголемено учество во функционирањето на општините во рамките на новите закони за децентрализација и локална самоуправа. Проектот е финансиран со грант од Сојузна Република Германија, преку Федералното министерство за надворешни  работи на СР Германија и се реализира од декември 2004 до февруари 2006 година.




На саемскиот панел учесниците се фокусираа на позитивните и негативните досегашни резултати од функционирањето на процесот на децентрализација, посочувајќи ги спецификите за одредени општини, но глобално покажувајќи го својот позитивен став кон започнатиот процес.

Андреј Петров, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на општина Карпош, посочи на добро воспоставената соработка со невладините организации и претставниците на меѓународните организации и фондации во земјава, во реализирање на одредени активности во процесот на децентрализацијата, најавувајќи дека идната година во Скопје, ќе се одржи конференција на меѓународно ниво посветена на децентрализацијата во регионот, под покровителство на  Советот на Европа, каде би се размениле досегашните искуства во различни области.

Освен проблемите со префрлањето на ингеренциите од државно на локално ниво, тој како најголеми во оваа фаза воМакедонија, ги потенцираше проблемите со  финансирањето , менаџментот, но и евидентното влијание на политичките партии во назначување на раководни луѓе на одредени места по партиски одлуки (во образованието).

“Успехот на децентрализацијата ќе зависи од тоа колку ќе им овозможиме на општините да се развиваат” -истакна меѓу другото Андреј Петров

Градоначалникот на општина Чаир Изет Меџети, смета дека кај најголем дел од граѓаните дури сега се кристализира чувството за постоење на општината како посебна целина. Тој посочи на нејзините проблеми: 70% од територијата не е урбанизирана, постојат проблеми со законската регулатива и финансирањето на општинските дејности, со поделбата  на средствата но и со дел од надлежностите (образование, социјала) со Градот Скопје,  како и со сеуште до крај, неразјаснетата поделба на билансот со општината Бутел. “Граѓаните стануваат свесни дека локалната власт е таа која им е поблиска” - рече  Изет Меџити, кој изјави меѓудругото и дека локалната самоуправа губи многу време на работи кои не се во нејзина надлежност, како што е на пример, невработеноста  но и дека верува дека со процесот на евроинтеграцијата  ќе се отворат нови перспективи и проблемите ќе се решаваат.

Владо Толевски градоначалник на Кичево, посочи на  проблемите во изминатите неколку месеци кои постепено се надминуваат: префрлање на вработените од министерствата, префрлање на потребната документација и архива, потсетувајќи дека Кичево има  проблем со задолженоста од 3 милиони евра. “Постои проблем со одвивање на долги стечаи, а и во тој дел има мирис на политика што треба  како проблем  да се надминува.

Кичево заедно со другите 4 општини со кои треба да се спои  во 2008 -  2009 година , започнало според градоначалникот, полека да се подготвува за тој процесс преку заедничка соработка и решавање на одредени постоечки проблеми.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски укажа на фактот дека Куманово е единствена општина со 33 советнички места, а како мултиетничка, има  своја  специфика во однос на другите. Децентрализацијата им даде можнсот на граѓаните да имаат увид во своите проблеми и да ги решаваат  -рече Дамјановски, споменувајќи дека е направен трансфер на надлежностите, но и дека се вложува во видливи промени во функционирањето на одредени објекти: (стриптиз бар е преуреден во  училишна библиотека, при што општината не ја добиле најавената помош од одредени НВО); вложени се 3,5 милиони евра во инфраструктурата;  започнат е процесот на подготовка за  гасификација на градот, уреден е плоштадот и др. Проблемите со образовниот ситем Дамјановски ги смета за најголеми и очекува идната година, со ребаланс на буџетот истите да се решат и да се обезбеди греење во училиштата. Тој очекува идната година да биде година на  инвестирање, клучно за развојот и намалување на невработеноста. Во Советот на Куманово , нагласи тој, има 2 -3 НВО кои редовно присуствуваат на седниците и во нив  активно учествуваат.

Градоначалникот Ремзи Мерко од  Струга, го потенцираше  фактот на превземање на надлежностите  како процесс кој трае, поради спецификата на Струга со превземање на уште  4 општини. Досегашниот процес  на децентрализација на надлежностите, го отцени како добар, очекувајќи идната година да бидат превземени и дел од потребните компетенции во областа на образованието и здравството .

“На полето на културата и спортот и во менаџирањето на полето на екологијата, не ни се даваат можности за обезбедување на потребите средства”, нагласи Мерко, кој го изнесе и проблемот со неможност за менаџирање со градските плажи во Струга, иако општината тоа го побарала од  Владата.  За досегашниот период на одвивање на процесот на децентрализација, општината е благодарна на централната власт и на НВО за реализирање на поголем број проекти. Ремзи Марко го истакна изминатиот период и како важен во релаксирање на меѓуетничните односи од сите страни, што му дава надеж за подобра Струга.

Невзат Бејта - градоначалник на општината Гостивар, говореше за досегашната  усогласена работа на Советот во кој нема опозиција и каде одлуките се донесуваат едногласно, но и за фактот дека советниците Турци побарале и добиле одобрување на седниците да го користат својот јазик,  но и на турски да ги добиваат материјалите за работа.,

Според него, досега се исполнети 80% од ветеното на изборите, а Бејта смета дека во Гостивар сега владее позитивна хармонија и  соработка,

Министерот за  локална самоуправа Ризван Сулејмани на крајот на панелот, направи краток приказ на процесот на децентрализација од почетокот до сега, нарекувајќи го успешен модел на децентрализација што се бара  на пазарот на држави кои истиот и го започнуваат.

Успеваме да воспоставиме добри односи меѓу централната и локалната власт на ниво на партнери. Во втората фаза се очекува  локалната самоуправа да покаже ефикасност во работењето, а третата фаза, истакна министерот Сулејмани, ќе покаже дали локалната самоуправа  ќе биде власт или администратор. Тоа ќе се постиге кога и граѓаните ќе станат свесни за улогата на локалната власт. Форум и сличните НВО имаат големо влијание во развојот на демократизацијата - рече министерот.  

Нелко Нелковски упати барање до градоначалниците да работат повеќе во областа на еврорегионот, да обрнат поголемо влијание на развојот на културата како  импулс во развивањето на општините.

Димитар Спасеновски од Данскиот совет за бегалци им забележа на градоначланиците дека во мал број го потенцираат значењето и улогата на НВО, во развој општините и соработката со локалните власти, на што тие одговорија дека соработката е континуирана и главно добра, на што најмногу повеќе внимание посветија градоначалниците на Струга и Куманово.