НВО и нивната улога во изборниот процес - пост фестум Печати

Секторска работилница

 

Секторската работилница на тема “Улогата на НВО во изборниот процес”, последната која се одржа на првиот ден од НВО саемот (29.10.2002, од 18,30 до 20 часот), покрена широка дискусија по воведните излагања на Башким Мислими (Толеранца, Струга), Сашо Додовски (Младински културен центар, Битола), Роберто Беличанец (Центар за развој на медиумите, Скопје) и Пеце Талески (ОХО, Скопје). На работилницата, со која претседаваше Маријана Иванова, беа поставени прашања за потребата од вклученоста на невладините организации во активности поврзани со изборите, за разграничување на тие активности од она што значи промоција на одредени партиски интереси, за активностите кои треба да уследат во наредниот период и стратегијата која треба да се определи за идните активности од оваа сфера…

 

Беше заклучено дека НВО истапија како значаен фактор во изборниот процес, дека се промовираа како граѓанска платформа насочена кон демократските процеси и дека успеаја да дадат голем придонес кон остварувањето на фер и демократски избори. Но, самокритично, претставниците на НВО кои учествуваа во изборниот процес ги нагласија и слабостите на своето делување, како што е преголемата врзаност за донаторите, непостоењето соработка со бизнис-секторот, присутноста и на пасивно “учество” од некои организации и слично.

Во дискусијата, се исфилтрираа неколку моменти како насочници кон идното работење на невладиниот сектор: изградба на граѓанска избирачка култура, остварување поголема соработка со државните органи, со медиумите и бизнис-секторот, како и искористување на довербата која е стекната во јавноста, односно, како што се изрази еден од воведничарите, “на поволниот ветер во нашите едра”.